Поранешниот Директор на Еуростандард Банка: Трифун Костовски знаеше се што се прави во банката

308

Поранешниот претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка Николче Петкоски кого Трифун Костовски  јавно го обвини за пропаѓање на банката тврди дека е неосновано обвинет бидејќи во Надзорниот и Кредитниот одбор на банката  биле Трифун Костовски и неговиот син Коста Костовски кои биле целосно информирани за сите одлуки на раководството на банката. Тој бара и јавно извинување за изречените невистини од страна на таткото и синот Костовски или ќе се обрати до соодветните институции за заштита на неговите права и углед.

Според него, наместо обвинувања, акционерите треба сериозно да се преиспитаат колкава е нивната вина за пропаѓањето на банката. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ.

– Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство забораваат дека тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не беше донесена без знаење на некој од нив. Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистрирани фирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури и сл., се во најмала рака смешни. Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила – вели Петкоски.