Отишле да го посетат, го нашле мртов, а никој од болницата не забележал: Битолската болница е во колапс, персоналот само се трга да не закачи корона

128

Негрижа за пациентите, дури некои препуштени сами на себе, а за починатите да нема нема кој да ги извести домашните. Со овие квалификации за Клиничката болница во Битола, пред камерите на „Алфа“ излегоа најблиските на 79-годишниот Трајко Бојоски, кој во понеделникот почина во Интерното одделение, а до денеска домашните немаат добиено отпусна листа ниту знаат од што почина.

Починатиот, како што велат за телевизијата неговата сопруга и ќерка, со страшни болки и голготи, неколку пати приман, па враќан и после повеќе саати натегање со докторите, во неделата бил примен во Интерното одделение. Примал само симптоматска терапија како што рече ќерка му, а другиот ден дури го нашле врзан откако еднаш веќе паднал од кревет.

Мажот ми беше целиот изврзан како на бесилка. Рацете врзани за креветот и провиснати надолу и нозете врзани и расчекорени. Јас се запрепастив и барам сестра, ама нема, рече сопругата Блага Бојоска.

При втората посета до вечерта, домашните го нашле мртов без претходно да бидат известени и според нив, никој ниту го погледнал.

Абе како може, тука се слекуваат и облекуваат и никој да нема од персоналот. Кога свриштивме, дојдоа ама беше касно. Три пати што ги побарав, три пати во истата соба беа собрани заедно, од болничарка до сестри. Во салонот бомба да фрлиш, рече ожалостената сопруга.

Ќерката вели дека болницата е во колапс, а персоналот е тотално незаинтересиран за болните и сите се плашат да не закачат корона.

Болницата не функционира, тотален колапс. Таму единствено што функционира е обезбедувањето. Одделенијата се празни, ништо не ни дадоа и не нè известија. Пациентот починат, оставивме два мобилни телефони за контакт, спсолутно никој не нè контактираше, а нивни број за контакт не даваат за да прашаме за нашиот пациент. Во која држава, со кој систем Филипче ова го развива, кое здравство и која Клиничка болница?, рече ќерката Гордана Пресилска.

Од Клиничката болница денеска не беше возможно да се добие мислење за овој случај. Меѓутоа, некои лекари за „Алфа“ неформално велат дека тука сè е подредено на пациентите болни од ковид-19 и дека сега и одделот за физикална терапија се подготвува да ги прими евентуалните пациенти. Меѓутоа, барем засега, точна бројка колку пациенти со корона можат да бидат примени не се знае како да е класифицирана информација, а на починатиот ниту му направиле тест за евентуална проверка.