Железни луѓе и оние кои се поголеми од себе

194

Едно од најзначајните дела за западната цивилизација и митологија е „Дела и дни“ на античкиот грчки автор – Хесиод. Значајноста на ова дело се состои во оригиналноста на Хесиод да направи поделба на епохите и времињата – историски и да ги назначи нивните карактеристики. Според Хесиод постојат 5 времиња во историјата: златно доба, сребрено доба, бронзено доба, доба на херои и железно доба. Златното доба е доба на боговите, доба на бесмртноста, на вечноста и на високите вредности. Сребреното доба настанува по златното доба и во сребрено доба се сепарира подземјето и задгробниот живот на луѓето. Тогаш, братот на Зевс – Хад, согласно митовите, го основал своето подземно царство и таму ги прибирал духовите на умрените. Во сребреното доба за прв пат се појавува смртноста, но душите кои престојувале во царството на Хад имале благородна позиција. Брозеното доба е доба во кое луѓето почнале да градат заедници, куќи и предмети од бронза, почнале да се удружуваат и да бидат посилни и поотпорни. Но бидејќи сакале да им се спротивствавуваат на боговите и не ги почитувале, откако ќе умреле во подземното царство веќе немале благородна позиција, туку нивниот задгробен живот повеќе наликувал на измачување (библиска паралела на рај и пекол). Доба на хероите, е едно од најубавите доба за човештвото. Тоа се одликува со луѓе кои живеат согласно доблестите, ги почитуваат боговите, жените се воспеани во поезија до ниво на божици, мажите се јуначни, храбри и чесни.

Но добата на хероите според Хесиод одамна завршил, дури и во периодот во кој живеел Хесиод (помеѓу VIII и VII век пред наша ера) тој го нарекол железно доба. Железното доба се одликува со многу војни, стравови, искушенија, неуморни борби, макотрпна работа, несреќни луѓе, глад, жед, болести, смрт и сиромаштија. Железното доба ги обликува луѓето да станат отпорни, да градат механизми за преживување, бидејќи сите појави се неблагородни и како да се свртени директно против човекот. При градењето на механизмите за преживување луѓето избираат да бидат сурови, наметливи, грабливи, манипулатори, неморални, лажливци, трговци кои се водат од ситни интереси. Железното доба создава железни луѓе, какви што се најголемиот дел од луѓето на денешницата. Поради проблемите, макотрпниот живот, стесовите, лошото управување, куп природни појави кои се кризни или катастрофални, луѓето формираат железна лушпа околу себе со која го штитат својот опстанок и опстанокот на своите најблиски. Под железната лушпа е секогаш студено, секогаш темно, таму не пробива ниту воздух, ниту светлина. Луѓето се навикнуваат да живеат во пештера кои самите ја создаваат, само да ја загарантираат својата безбедност и безбедноста на блиските.

Оптимизмот е редок, напумпан и лажен. Зборовите се меури кои исчезнуваат во простор и време побрзо одошто требало време и напор да бидат кажани. Луѓето не се доследни на себе, тие си противречат, не го почитуваат својот логос (идеја, збор, замисла, концепт) и не можат да се израдуваат на своето дело. Се создадоа кватификациии на вредности на труд, љубов и пријателство.

Превреднување на труд, пријателство и љубов

Делата и трудот се претвори во плата, платата се претвори во објективен параметар за вредноста на трудот и делото. Веќе платата не е надоместок за живот или награда, сега таа стана статусен симбол, а статусен симбол – смисла на постоењето. Веќе не е важен и почитуван генијот кој има внатрешен порив да создава, сега е важен оној што својата слика ќе ја прордаде за најмногу пари, а со истите ќе купи скап автомобил што ќе го вози на испукан асфалт покрај луѓе кои секој ден просат околу улиците.

Пријателството се претвори во баждарење, не постои пријателска радост кон оној што ти е „пријатен“ кон кого духот пружа раце да го допре. Сега е важно дали вашиот пријател може да ви заврши некоја работа, да ве потурне „преку врски“ за нешто.

Љубовта се сведе на брак и репродукција, или уште пострашно на љубовни афери. Веќе никој не поместува граници поради љубовта, веќе никој не станува подобар во име на љубовта, сега сите се засладуваат од опојната моќ на љубовната страс во 10 минутен сексуален перформанс. Љубовта стана оргазам, не континуитет на човечкото битие. Секој зборува за љубовта дрчно, а ја позава многу малку.

Железни луѓе и оние што се поголеми од себе

Ова мое доба создаде железни луѓе, создаде дефанзивни луѓе, луѓе со ега и суети, луѓе кои ги превреднуваа вредностите и направија математички калкулации од она што пулсира во градите, од она што ти ги солзи очите, од она што те прави поголем од себе. Тие работи се занемауваат, на сметка на она што може да го „издржи методот на докажување“ и е „податливо за илуминација“.

Но има луѓе што се поголеми од сè, луѓе што се поголеми од своето време и пред сè луѓе кои знаат во секоја ситуација да бидат поголеми од себе, ретки се ама вреди да се бараат со фенер, онака како што Диоген киничарот театрално прошета низ толпа од илјадници луѓе, не успеа да види човек, ама тоа не го натера да се откаже од својата потрага! Остана поголем од себе, од своите стравови, од своите сомнежи, од својата малодушност, од туѓата оценка за него и затоа остана најголем! Сега страниците од историјата на филозофијата го пишуваат Диоген киничарот и секоја втора драма го има неговиот лик, бидејќи токму тој заслужи да биде учител на животот, а не некој репликат на железен човек!

Автор: Стојмановиќ Магдалена

Loading..