Ахмети го истргал Филипче за уши? Прво ќе се чека прослава за Рамковен па после тоа нови рестрикции

Серијата настани за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор, вредни половина милион евра, треба да финишираат со централна прослава во петок во скопскиот хотел Александар Палас, која ќе се одржи непосредно пред да стапат во сила новите порестриктивни мерки за заштита од ширењето на ковид 19.
Поради растот на бројот на заразени, до Министерството за политички систем на чело со вицепремиерот Артан Груби, кое впрочем ги организира настаните поврзани со 20-тиот роденден од Рамковниот договор, прашавме дали можеби се размислува за одложување на централната прослава?
Досега, од таму не добивме одговор, меѓутоа од Владата не упатија на денешната изјава на Груби, кој при посетата на Државниот архив истакна дека прославата во петок, сепак, ќе се одржи, при што, истакна тој, ќе бидат почитувани сите мерки и протоколи што моментално се на сила.
Меѓутоа, построгите мерки, како што е целосна забрана на прослави во затворен простор и организирање на помасовни настани надвор под услов гостите да бидат вакцинирани, ќе важат од понеделник. Впрочем, ваква одлука веќе донесе Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, но тие не стапуваат на сила веднаш туку една недела подоцна.
„Периодот од една недела е за адаптација и на објектите кои треба да ги применат мерките, како и на инспекциските служби кои треба да го утврдат начинот на контрола“, ни одговорија од Министерството за здравство предводено од Венко Филипче.