БРАНКО! ДА ГО ИМАВ СЕГА ОВОЈ ПАМЕТ, ПОИНАКВИ ЌЕ БЕА РАБОТИТЕ ВО 90 ТЕ

314

„Ако нашата главна идеја водилка е: НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме“, порача во понеделникот поранешниот претседател Бранко Црвенковски, повикувајќи на создавање  национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус за надминување на клучните проблеми во државата.

На свечениот собир на МАНУ за јубилејот од формирањето на современата македонска држава, тој ја повика Академијата, Универзитетот Кирил и Методиј, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите.
Црвенковски предлага националната платформа да се фокусира на трите клучни проблеми во државата кои тој ги лоцира на следниот начин:

– Македонија е корумпирана држава. 

– Македонија е внатрешно конфронтирана и поделена држава. 

– Македонија е држава која живее на кредити. 

Базата на корупцијата, според екс-премиерот и шеф на државата, е во политичките партии, односно во коруптивниот начин на кој тие се финансираат.
„Под итно треба да се донесе рестриктивен закон за потеклото на имотот, кој ќе важи за сите. Потребно е да се донесе и план за рационализација на администрацијата, во кој ќе се дефинира и политиката за надворешниот долг на државата, но и да се направи се земјава да ја оствари стратешката цел – да стане полноправна членка на ЕУ“, вели Црвенковски.

„Македонија е корумпирана држава, нема еднaквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема квалитетно образование во кое дипломите ќе се заслужуваат, а нема да се купуваат“, вели Црвенковски. Тој смета дека земјата е внатрешно поделена и конфронтирана, не може да се изгради консензус за ниту едно прашање. Партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели коишто треба да се уништат, а изборите се доживуваат како гладијаторска борба.

Според него, Македонија е земја во којашто се живее на кредити, а има изрека која вели „којшто живее на кредити, умира на рати“.