ПО ПЕНДАРОВСКИ И БРАНКО, И ИВАНОВ УДРИ ПО ЗАЕВ: Никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината“

2,088

„Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината“, изјави поранешниот претседател Ѓорге Иванов во МАНУ.

„Македонија како да е заробена во својот провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита. Како да сме опседнати од бесмислените политички кавги без суштина и примитивизам каков што до сега не е виден кај нас. Примитивизам кој постојано поттикнува меѓусебни расправии, конфликти, нетрпеливост и трошење на енергија на хоризонтално ниво.  Секојдневно сме сведоци на скандали, афери, криминални и коруптивни случаи кои досегаат до највисоките нивоа на власта. Политичката елита разви клиенталистичка мрежа која на некои поединци им овозможи екстремно богатење, осигурувајќи притоа политички надзор над новосоздадената економска елита. Се добива чувство како да живееме во земја каде владее клептократија и какиократија“, оцени поранешниот претседател Ѓорге Иванов на „претседателскиот самит“ во МАНУ.

Го објавуваме неговиот говор во целина:

Почитувани,

Ова мое поздравно обраќање е во двојно својство, како поранешен претседател на Македонија но и како член на академската заедница, односно универзитетски професор и член на Eвропската и член на Sветската академија на науките и уметностите.

Како поранешен претседател, го поздравувам овој свечен научен собир на МАНУ и ИНИ и посакувам да стане традиција на пригодно одбележување на јубилеите на македонската држава. Да биде сведоштво за секоја деценија од опстојувањето на Македонија.

Но, како припадник на академската зедница, ја прифатив поканата, пред сè, да ги поддржам и охрабрам претседателот на МАНУ, академик Коцарев и неговите соработници. Поддршка за извонредниот личен ангажман и заложби за враќање на достоинството, угледот и интегритетот на, хиерархиски поставена, највисоката научна институција во Македонија. Поддршка за јавната употреба на умот, во кантовска смисла на зборот, која ја враќа смислата на постоење и суштината на Академијата: промислување на Македонија. Преокупираност со нејзиното минато, сегашност и иднина врз  основа на научните факти, научна методологија и научни аксиоми. Или, хегеловски кажано, за несебичниот напор со мислите да се опфатат тенденциите на своето време.

Читајќи го зборникот на трудови од меѓународниот научен собир од 2011 година, организиран од МАНУ по повод 20-годишнината од самостојноста на Република Македонија, може да се почувствува колку била оправдана загриженоста и стравувањата за иднината на Македонија, за нејзиното име, јазик, идентитет, за нејзиното опстојување. Иако дел од тогашните учесници – академици не се денес меѓу живите, жива и бесмртна е нивната мисла и завет која најконцизно е искажана уште на самиот почеток на 20 век, од Крсте Петков Мисирков: „Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно“.

Денес многу ретко, или воопшто не се чита Мисирков и неговата книга „За македонцките работи“, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и прочита оваа книга е од сопствената грижа на совеста затоа што е напакостено и испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија.

Собитијата денес не се различни од времето на Мисирков, кога во софиското списание „Мир“ во 1925 година ќе запише: Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина.