x “Кога конечно ја имаме Македонија, повеќе пропативме од своите отколку од другите“

34

Писателот, сценарист и дежурен духовит коментатор на актуелни теми на Фејсбук, Божидар Божиновски алијас Моџо Килингтон, не пропушти да се произнесе и за 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

„150 години од раѓањето на Гоце Делчев, најголемиот, учителот. Не само учител во животот, учител и во смртта со вечни лекции кои некои генерации Македонци ги научија, некои пробуваат да ги избришат.

Инспирација за многу борби низ децениите, за слобода, за Македонија, за остварување на сонот да сме свои на своето. Кога конечно ја имаме Македонија повеќе пропативме од свои отколку од другите. И таа лекција ја имаше предвидено Гоце – ‘Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…’.

Она што беше добиено во многу борби, со многу крв, болка и смрт, она за што и Гоце го даде животот денес се распродава на делови, она што беше добиено со пушка се предава со пенкало, сонот што го сонуваа се претвори во кошмар. А и после толку векови, окупации, борби, ништења што од туѓи, што од свои уште нѐ има. И ќе нѐ има.

‘Ќе удри утринската зора и за нас…’ – Гоце Делчев“, напиша Божиновски.