САД одбија да префрлат воени авиони во Украина: НАТО не сака директен конфликт со Русија

34

Соединетите Американски Држави ја отфрлија понудата на сојузникот на НАТО Полска да ги префрли своите ловци МиГ-29 од руско производство во американска база во Германија.

Станува збор за пополнување на украинските воздухопловни сили во одбрана од руската инвазија.

Вашингтон се обидува да ја забрза испораката на оружје за Украина, но можноста борбени авиони од територијата на Алијансата да влезат во воената зона „покренува сериозна загриженост за целото НАТО“, соопшти Пентагон, пренесува Ројтерс.

НАТО соопшти дека не сака директен конфликт со Русија, друга нуклеарна сила, а американскиот претседател Џозеф Бајден ја отфрли можноста за испраќање американски војници во Украина.

„Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и со другите наши сојузници во НАТО за ова прашање и тешките логистички предизвици што ги носи, но не веруваме дека предлогот на Полска е прифатлив“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби за предлогот на Варшава.

Полското Министерство за надворешни работи во вторникот објави дека е подготвено да ги распореди своите авиони МиГ-29 во воздухопловната база Рамштајн во Германија и да ги стави на располагање на Соединетите држави, и ги повика другите членки на Алијансата кои имаат такви авиони да го направат исто.

Според американските дипломати, полскиот предлог ги изненадил САД.

„Колку што знам, немаше претходни консултации со нас во врска со плановите да ни ги дадат овие авиони. Така, мислам дека тоа всушност беше изненадувачки потег на Полјаците“, рече државниот потсекретар за политички прашања Викторија Нуланд во своето обраќање пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот.

Ваквиот развој на настаните покренува прашања за одржливоста на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски европските земји да му обезбедат авиони од руско производство на Киев, што тој особено го истакна за време на видео-повикот во саботата со американските пратеници, според Ројтерс.

(танјуг)