Леб и игри (panem et circenses)

110

Синтагмата „Леб и игри“ често се среќава во употреба, а во завиност од контекстот на примена добива различно значење. Општоприфатено значење на синтагмата „Леб и игри“ е метод со кој се служи власта да ги вреднува потребите и да придонесе за занемарување на круцијални потреби на сметка на пружање на можност за задоволување на елементарни и краткотрајни потреби. Кога ова ситагма, пак, се употребува за означување на поединечен пример, значи дека конкретниот поединец е сведен на своите потреби од примарна природа – како што се потребата за преживување и потребата за забава и дека не се осврнува на повисоки вредности, доблести и достигнувања кои бараат фокус, долгорочна работа, труд, мака, гимнастика и сл. Историски гледано синтагмата „Леб и игри“ потекнува од 2 век и за прв пат ја употребува римскиот поет Јувенал во своите сатирични песни каде што ја критикува апатијата на римскиот народ во однос на политичката состојба.

Факт е дека човекот е суштество кое има потреба од храна. Тоа е билошка потреба која му го гарантира опстанокот на човекот и неговата верижна интеракција со надворешната средина. Но, човекот е и суштество на играта. Хуизинга, тврди дека целата човекова култура се занова токму на елементот на играта, а не на елементот на трудот, цивилизациските белези и негувањето на житни култури. Според Хузинга играта е сеприсутна во постоењето, но пред сè таа е специфична карактеристика за човекот. Роже Кајоа пак, смета дека секоја игра е сложен систем кој создава нова реалност. Според Кајоа играта ги има следните карактеристики: агонија (неизвесна борба), алеичност (или рамноправна можност да се победи во играта), мимикрија/мимезис (или имитирање на улоги и правила) и вертиго или експресија на силни емоции низ врискање, гласна смеја, извици и сл. За разлика од функционалистите и структуралистите кои сметаат дека играта е модел на социјализација и создава општествено одговорни поединци за преземање на улоги, Кајоа смета дека играта е општество внатре општеството и таа создава сосема поинаква стварност. Играта понекогаш знае и да ве отуѓи од стварноста доколку станува збор за хазардна игра како што е коцкањето каде што не е битна добивката колку што е јак и незапирлив поривот за игра, инаку ако беше важна добивката секој ќе го напуштеше теренот на игра веднаш откако прв пат ќе изгубеше некоја сума на пари. Според Роже Кајоа и хазардните игри се типичен пример за игри, но тие се косат со општествените правила и норми кои се дел од поголемата општествена реалност.

Сведоштва за современи игри

Човекот на кој нашата генерација сведочи е ист како оној што го опишал Јувенал пред 19 века. Историјата бележи разни видови на игри, пред се тие што го стимулираат борецот кај човекот, па затоа се организирале гладијаторски борби, олимијски игри, разни видови на борби помеѓу животни пред публика и сл. Истиот концепт се задржува и денеска, само што во наше време спортот станува најглавната споредна работа на светот. Фудбалските мундијали, НБА лиги, европски првенства, Гренд Слем меч, Формула 1 и други се најгледаните спортови, а спортист денеска е најплатената професија. Еден спортист заработува многу повеќе од еден врвен научник, па дури и лекар што е врзан за најкруцијалната дејност за општеството – а таа е очувување на здравјето на поединецот. Спортските игри се празник за најголемиот дел на луѓето низ светот, се чини дека кога има светско првенство во фудбал на човек не му е потребно ништо друго освен телевизиски преност, пиво и чипс. Тогаш мажите си ги занемаруваат жените, жените си ги занемаруваат децата, работата може да трпи, ручекот може да загори, се може да се остави за подоцна освен следењето на фамозниот меч. Толкава количина на занес може да предизвика само играта.

Современикот е склон да се реализира како „играч“ и во друг тип на игри – виртуелни, друштвени, сексуални, гастрономски, научни, образовни игри во вид на квиз натпревари, стратегиски како шахот на пример и сл. Играта е искрена бидејќи никој од играта не очекува никаква награда, важно е да се учествува, да се извади на виделина исконската потреба за борба (т.н натпреварувачки дух), па и да се порази противникот иако тоа не претпоставува никаква парична награда, признание или исполнување на посебна желба. Играта ве прави најмногу животни, најмногу деца и најмногу луѓе. Од ваквото разбирање на играта може да произлезе афоризам: „Кажи ми како се играш и ќе ти кажам кој си!“ Во превод дали си слаб играч (жаргонски наречен – мочко) или си сериозен играч кој е вистински предизвик.

Автор: Стојмановиќ Магдалена