Додека вријат осудените за 27 април, бегалецот Груевски продолжува да ги иритира

287

Поранешниот премиер Никола Груевски во чест на започнувањето на судењето на Методија Андонов ЧЕНТО, вчера на Фејсбук сподели некои информации за Ченто и придонесот на владтаа на Груевски за афирмацијата на неговиот лик и дело.

– Во 1990 година ретко кој во Македонија беше чул и знаеше кој е Методија Андонов Ченто (1902 — 1957) освен повозрасните генерации кои тогаш биле над 60-70 години, кои биле доволно возрасни во воениот и повоениот период, бидејќи по неговото апсење пред неговиот дом во Прилеп и лажното обвинение дека е уапсен на граница како шпион кој сакал да побегне, ниту еден медиум или историчар не го спомнува никаде. Неговото име никој не смеел да го спомни, па така билошки генерациите се промениле и тој е безмалку заборавен или непознат.

Но, нели, вистината е како шило, во 1990 паѓа комунистичкиот тоталитарен режим и започнува повеќепартиски систем, па клопчето почнува да се отклопува. Денес ликот на Ченто е издигнат во македонската историја како еден од најголемите македонски патриоти и жртви на политички прогон и е еден од најголемите македонски херои, македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија.

Во негова чест и почит дваесетина години по падот ма комунизмот издигнавме споменик на централниот градски плоштад Македонија во Скопје, а и голем број на имиња на населби, улици, булевари, итн го носат неговиот име. Издадени се многу книги, направени се документарни филмови каде сведоци и очевидци раскажуваат каква неправда и политички прогон му е направен, а намерите оделе дури до таму довчерашниот соборец и голем народен авторитет да се отруе во затворот со пилула отров за што исто така има сведоци.

На денешен ден 19 ноември 1946 година започнало судењето на Ченто.

Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ-Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.

По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и се одлучува да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае доста кратко и по два дена, на 21 ноември, во атмосфера во која се знае каква ќе биде пресудата, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно дури на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

Неговото судење кое е опишано во неколку минутниот клип од очевидец и сестра на неговата сопруга во многу нешта наликува на судењата со политички мотиви по инсталирањето на власт на СДСМ во 2017 година, во кој независно на фактите и аргументите, со однапред договорени пресуди со судиите, со уценети и наместени сведоци, со игнорирање на доказите на одбраната, со нечовечки методи и држење на обвинетите по цели денови по 12 часа во судница секој ден, со диригирани медиуми кои треба да создадат атмосфера на линч, со пресуди без издржани докази и базирани често на претпоставки, се судат и осудуваат за разни конструирани дела огромен број политички неистомисленици на власта.

Меѓу нив е и внукот на Ченто, кој ја доживува истата судбина на неговиот дедо, но и плејада други учесници во настаните од 27 април 2017 кои или целосно невини, или со невистинито обвинение и лажна квалификација, со цел што подолго да се осудени на долгогодишни затворски казни се наоѓаат во затвор.

Во редот на прогонетите се и многу други поранешни министри и други носители на јавни функции на кои оваа предавничка, клептоманска и неспособна власт им го загорчи животот до крајни граници за да го исчистат теренот за промена на името на државата, идентитетот на македонскиот народ, името на јазикот и македонската историја, но и за да можат да можат во помирна атмосфера да ги реализираат нивните криминални планови за лично збогатување и моќ.

Погледнете го неколку минутниот клип подолу каде ќе слушнете од очевидец како течело едно наместено судење, една голема неправда и како се ковале планови и издавале наредби за ликвидација со пилули со отров за Методија Андонов Ченто во затворот Идризово во Скопје.

Не е многу различно и денес кога станува збор за судењата со политички мотиви. Само методите и инструментите се прилагодени на новото време.

Поранешната комунистичка власт остана неказнета за злоделата, и веројатно затоа нивните наследници во СДСМ денес се осмелија да го повторат делото, иако без срам се поклонуваат пред споменикот на Ченто кога протоколот го налага тоа секој втори август, напиша Груевски на Фејсбук.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.site . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?

You might also like