ДОСТА ЈА ШУТИРАВТЕ МАКЕДОНИЈА, ДОСЕГА ТАА ПЛАТИ ВИСОКА ЦЕНА

54

Јавно обраќање на Македонски манифест по повод ставот на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за условувањето на Македонија за влез во ЕУ

ДОСТА ЈА ШУТИРАВТЕ МАКЕДОНИЈА, ДОСЕГА ТАА ПЛАТИ ВИСОКА ЦЕНА

Во декември минатата година Бугарија одби да ја прифати преговарачката рамка за Македонија и со тоа го попречи македонскиот пат во ЕУ. Софија бараше Скопје да прифати дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени.

Исто така за Бугарија се проблематични и деловите за „бугарската фашистичка окупација“ во Втората светска војна. Таа бара во нашите учебници по историја националната генеза да се дефинира по нивен терк како и уште некои други прашања. Во време кога имаме молк или нејасни млитави ставови од нашите политички репрезенти, деновиве сме сведоци на кревање на гласот контра политиките на Бугарија и со јасна поддршка за Македонија.

Имено, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ упати јасни критики и до Бугарија и до Унијата за непринципиелниот однос кон Македонија. Тој изјави: „Доста ја шутиравте Македонија, досега таа плати висока цена“. Меѓудругото претседателот Милановиќ изјави дека Македонија се наоѓа во невозможна позиција со наметнатите барања од страна на Бугарија. Тој потсети дека своевремено, кога Хрватска бараше влез во ЕУ, условите кои ги поставуваше Словенија беа разбирливи: излез на отворено море. За разлика од тоа, бугарските условувања се неразбирливи и понижувачки.

Се работи за чист притисок од позиција на посилниот и „навлегување во интимниот простор“.
Додека изјавите и коментарите на бугарските политичари беа повеќе од непријателски и со недипломатски речник, македонските политичари од позицијата не возвратија соодветно, останаа неми глумејќи дипломатско однесување. Кога во јавноста одекна изјавата на хрватскиот претседател дека Бугарија настапува од позиција на посилниот (а нејзината сила е само во одредбите на ЕУ за консензус) Софија веднаш ја повикаа хрватската амбасадорка во Бугарија, осудувајќи ја неговата изјава за бугарската политика кон европската интеграција на Македонија.

Хрватскиот претседател постапи така како што Македонија очекува да реагира македонскиот претседател. За жал македонскиот претседател Пендаровски молчи и со авионот на претседателот на Бугарија Радев се подготвува да оди на чествувањето на Светите Кирил и Методиј во Рим. Ништо чудно ако беа коректни досегашните изјави на Радев за услововуњата или ако Бугарија на 9 декември минатата година во бугарското собрание не ги прогласи светите Кирил и Методиј за Бугари, а глаголицата и кирилицата за бугарска азбука.

Дури и тогаш македонските политички репрезенти молчеа што со други зборови значи прифаќаат дека сѐсловенските просветители се дел од бугарската историја и култура. Наместо македонските власти, реагираа Словачка и Чешка. И двете славјански земји дадоа заедничка изјава во која кажуваат дека „нема да дозволат ЕУ да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“.

Македонски манифест потсетува дека изјавите на претседателот на Хрватска Милановиќ се ценат од македонскиот народ исто како што македонскиот народ ги цени и не ги заборава бискупот Штросмаер кој 1861 овозможи печатење на Зборникот песни на браќата Димитрија и Константин Миладиновци; издавањето на Бели мугри на Рацин 1939 во печатницата на Шпулер во Самобор; ние не ги забораваме ни усилбите на Маријана Петир, безрезервен пријател и лобист за правото на Македонија и Македонците на сопственото генеричко Име, која со години од 2014 во Брисел се бореше против европските и светските политички узурпатори што ни го оспоруваат основното човеково право на име и идентитет; на професорот Горан Калоѓера за промоторство на македонската книжевност, култура и идентитет… Благодарност до сите наши пријатели.

МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ

Marijana Petir
Goran Kalogjera

Скопје, 23 мај 2021 година